Попова Шапка — зимско-рекреативен центар во северозападниот дел на Македонија, именуван според истоимениот врв (1780 м) на Шар Планина кој се наоѓа во непосредна близина. Се карактеризира со голем број на сончеви денови во текот на целата година и со снег од ноември до мај. Административно влегува во атарот на селото Лисец, кое лежи пониско.
Манастирот „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка
Зимско-рекреативниот центар е одалечен 18 км од Тетово, 53 км од Скопје. Од Тетово води асфалтиран пат кој поминува низ попатните шарпланински села.
Видикот од Попова Шапка е отворен кон соседните планини Јакупица и Солунска Глава (2540 м), а во подножјето се наоѓа Полошката Котлина.
На Попова Шапка се изградени хотелите „Попова Шапка“, „Тетекс“, „Славија“, „Бора“ и други одморалишта. Во непосредна близина на Попова Шапка се наоѓаат местата Јелак, Лешница, Церипашина...